Цената на пченицата ќе биде прецизирана идната недела

Date of publication: 
27 June 2012
jpg

Цената на пченицата ќе биде прецизирана идната недела меѓу производителите и откупувачите, договорија денеска двете страни на заедничката средба во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Владата во меѓувреме, на синоќешната седница, одлучи да го обврзе увозот со откуп на домашното производство, за лебно жито во сооднос 1:3 и за брашно во сооднос 1:4.

- Има можност на состанокот закажан за среда во Битола да ја презицираме откупната цена на пченицата која би била прифатлива за двете страни, а во исто време нема да влијае на покачување на цената на лебот како стратешки производ за најголем дел од населението, изјави ресорниот министер Љупчо Димовски по средбата.

 

Министерството, додаде, посредува во оваа ситуација зашто води сметка и за трудот на производителите, но и за проблемите на мелничарите.

- Откупната цена на македонската пченица треба да се дефинира пред се врз основа на индикаторите од регионалните берзи и манипулативните трошоци за транспорт, анализи, провизии, посочи Димовски.

 

Според него, владината одлука за обврзен увоз ја поздравиле и мелничарите и земјоделците.

- Сметаме дека со оваа одлука ќе се постигнат истите ефекти како и минатата година, дека ќе успееме да го стабилизираме пазарот. Во оваа ситуација имаме пазарно пореметување заради зголемен увоз на пченица, особено и на брашно што претставува хендикеп за млинарскиот сектор заради тоа што го исклучува процесот на преработка на пченицата, рече министерот.

 

Владата воедно ја задолжи Агенцијата за храна и ветеринарство околу почитувањето на регистерот на компаниите кои имаат овластување да вршат откуп, промет и увоз на пченица и производи од пченица. Државниот инспекторат за земјоделство, пак, е задолжен максимално да ги зајакне контролите во време на жетвата и да врши целосно набљудување на откупот, како и на сите оператори со пченица и брашно.

- Имаме извесни забелешки на Правилникот за квалитетот на пченицата, треба да се извршат некои промени. Тогаш ќе знаеме и која ќе биде цената, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделците.

 

Николчо Георгиев од Мак Млин Чешиново, откупувач и пеработувач, рече дека на состанокот ги истакнале нивните проблеми во млинската индустрија, бидејќи во овој период се соочуваат со големи проблеми со увозот на брашно.

- Нашиот пазар е презаситен со српско увозно брашно. Затоа сме и благодарни на Владата што и оваа година ја донесе мерката, според нас,  можеби и малку задоцнета. Сметам дека со тоа ќе се надмине проблемот на увоз на брашно од Србија и ќе се отвори нашиот пазар за да можеме да им излеземе во пресрет на производителите и да го откупиме домашното производство, истакна Георгиев.

Мелничарите велат дека проблеми со исплатата нема да има доколку навреме стигнат средствата за поддршка на откупот што ги обезбеди Владата.