Коњановски: Земјоделците нема да бидат оставени сами на себе, по проценката на штетите ќе се утврди надоместот

Date of publication: 
25 June 2012
3.jpg

Земјоделците нема да бидат оставени сами на себе, но, уште еднаш апелирам, да ги искористат сите можности за осигурување на посевите, порача заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски по денешната посета на општина Петровец каде врнежите град викендов предизвикаа огромни штети.

 

Надлежните комисии, изјави, се веќе испратени на терен. По проценката ќе се знае колкаво ќе биде обештетувањето. Во секој случај, Министерството ќе се солидаризира со луѓето.

 

- Тука сме прво да ги видиме штетите, а понатаму и да надоместиме дел од нив. Во овие тешки моменти би упатил уште еден апел, земјоделците да си го осигураат имотот, да не дозволуваат за миг да им се уништи она за што се мачеле цела година и повеќе. Имаме фонд, имаме средства, 35 милиони денари се на располагање преку Министерството за земјоделство, преку Програмата за финансиска поддршка, и тие треба да се искористат. Сите земјоделци кои ќе го осигурат својот имот од невреме, имаат поврат на 60 проценти од средствата, напомена Коњановски кој директно на терен ја увиде големината на зрната град кои оштетија дел од фасадите на куќите, покриви, ролетни, влезни врати.

 

- Навистина е жално да се гледа како невремето може за 10 минути да уништи се за што човек се мачел со години. Уништени се и земјоделски насади. На неколку места видовме полегнато жито, униште пченка и искинати пластеници со 100-процентно уништено градинарското производство, рече заменик министерот.

 

Тој му заблагодари за ажурноста на градоначалникот на општина Петровец со кого, рече, од синоќа е во постојана комуникација.

Министерството за земјоделство будно ја следеше ситуацијата со оглед на најавеното невреме. На подрачјето на Струмица, Росоман, Градско и Радовиш вчера и завчера се испукани околу 25 ракети кои успешно дејствуваа, но во Петровец, поради аеродромот, не можеше така да се реагира