Министрите за земјоделство Димовски и Милошевиќ потпишаа Спогодба за фитосанитарна соработка

Date of publication: 
22 June 2012
2.jpg

Побрз трансфер на стоката од растително потекло, нејзино минимално задржување на граничните премини и интензивирање на вкупната трговска размена ќе овозможи Спогодбата за фитосанитарна соработка што денеска во Скопје ја потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и неговиот црногорски колега, министерот за земјоделство и рурален развој Тарзан Милошевиќ.

 

Потпишувањето на Спогодбата, како што рече министерот Димовски, значи потврда за политиката што ја води Македонија на регионално ниво.

- Спогодбата ќе ги интензивира контактите меѓу двете земји во делот на фитосанитарната контрола со што ќе се олесни транзитот, увозот и извозот на растенијата и растителните производи. Воедно ќе овозможи, што е особено битно, во целост да се прифаќаат извештаите за здравствената состојба на растенијата и нивните производи издадени од акредитираните и лиценцирани лаборатории во Македонија и Црна Гора, рече Димовски по потпишувањето.

 

Со Спогодбата чија важност е пет години и потоа автоматски продолжува, практично се отвора т.н. зелена линија или зелен премин преку кој, додаде, производите за многу кратко време ќе дојдат до крајните потрошувачи.

- Потпишувањето на Спогодбата ќе им ја олесни работата на луѓето кои се занимаваат со бизнис, ќе ја унапреди соработката во областа на растителното производство и трговската размена, напомена црногорскиот министер.

Црна Гора минатата година од Македонија увезе земјоделско-прехранбени производи во вредност од околу 12 милиони евра. Меѓу нив доминираа овошјето и зеленчукот, пред се доматите и грозјето.

 

Димовски и Милошевиќ на денешната средба договориле двете страни наскоро да потпишат слична спогодба и во делот на ветеринарството. Воедно станало збор и за увоз на црногорска пршута, риба и пиво од македонска страна. Црна Гора, потенцира Милошевиќ, е посебно заинтересирана за инвестиции во преработувачки капацитети. Тоа ќе биде една од клучните теми на следниот состанок.

- Црна Гора има слободен пристап на пазарите во Русија, Казахстан и Белорусија од 170 милиони жители кој може да го искористиме заедно со Македонија. Тоа е дополнителен предизвик за македонските производители, рече Милошевиќ.

Македонија неодамна потпиша Спогодба за фитосанитарна соработка и со Србија