- Ministry
- About the ministry
- Public relations
- Documents
- Organic production
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Земјоделците и мелничарите на заедничка средба со министерот Љупчо ДимовскиDate of publication: 19 June 2012Денеска на заедничка средба во Битола министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и претставниците на Сојузот на земјоделците и на мелничко-пекарската индустрија разговараа за претстојниот откуп и цената на пченицата
- Сите се согласуваат со мерките што ги преземаме за да се заштити македонското производство на пченица, а воедно и да се заштити мелничарскиот сектор. Евидентиравме дека во минатиот период на домашниот пазар се увезени големи количества пченица и брашно што предизвика дизбаланс на домашниот пазар. Тоа може да предизвика сериозен проблем околу динамиката на откупот и формирањето на откупната цена, изјави министерот Димовски.
Тој додаде дека Министерството наскоро ќе достави информација до Владата со предлог одлука за условување на увозот на брашно со обврзувачки откуп на македонска пченица.
Според министерот Димовски, увозот на брашно или пченица ќе биде врзан со обврска за откуп на домашна пченица и во соодветен сооднос додека не се откупи домашниот род.
- Со мерките кои се во фаза на подготовка и донесување се очекува за еден килограм брашно да се откупуваат четири килограми домашна пченица, а за еден килограм увезено жито ќе треба да се откупат три килограми домашна пченица. Веруваме дека и оваа година ќе се надминат проблемите со откупот, количината, цената и исплатата, рече министерот.Со владините мерки, додаде, се овозможува кредитирање по многу поволни услови за стратешки производи како што е пченицата. За откуп на пченица да може да се користи кредит до 500.000 евра со 3 отсто камата, 3 месеци грејс период и 18 месеци рок на отплата.
Претставниците на мелничко-пекарската индустрија и Сојузот на земјоделците наскоро ќе ја утврдат цената за откуп на килограм пченица која, како што беше нагласено на денешната средба, е условена и од регионалните берзи. Затоа е потребен кус период за дополнителни анализи. - Владините мерки се позитивни и за нас мелничарите, но и за земјоделците. Ние баравме да се почитува берзата во соседството, да не ни се случи во наредниот период да увезуваме прескапа пченица и брашно што ќе биде конкурентно на нашиот пазар. Бараме ланските мерки за врзување со откупот на домашна со увезена пченица да важат за период додека се откупи целото домашно производство, а кредитната линија ќе ни овозможи невреме да го платиме домашното производство, истакна Николче Ѓоргиев од „Макмлин“ Чашиново.
Претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров оцени дека е создаден амбиент за навремен откуп и исплата на килограм жито по најмалку 15 денари за што наскоро, нагласи, се очекува да се постигне договор. Исто така претставниците од Сојузот на земјоделците и претставниците на мелничко-пекарската индустрија истакнаа дека годинава не се очекуваат поголеми разидувања околу утврдувањето на цената на пченицата од годинешната реколта. |