Ловечкиот испит од утре се полага со олеснети критериуми

Дата на објава: 
8 Јуни 2018
lov2.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска оствари средба со ловџиите во Струмица, на која ги најави новите критериуми за полагање на ловечкиот испит.

„Со измените на законот за ловство кои што ги направивме, со укинувањето на електронското полагање кое што се одвиваше само во Скопје, од сега ќе се одвива низ целата територија на Република Македонија, а започнува од утре, 9-ти Јуни во Пехчево“ – изјави министерот Љупчо Николовски

Според претходниот закон од 2013 година ловечкиот испит се полагаше електронски и вклучуваше непотребни трошоци. Не беше земено предвид дека голем дел од кандидатите се во поодминати години или немаат познавања за работа со персонален компјутер. Од друга страна, одделно се полагаа првиот и вториот дел на испитот, што им наметнуваше дури до 150 евра повеќе трошоци на кандидатите, а непотребно се плаќаа и услугите за правното лице задолжено да го спроведува испитот.
Неефикасноста на начинот на полагање доведе до поразителни броеви на положени кандидати. Така, во просек испитот го полагале околу 500 кандидати годишно, а бројот на барања оди и до 2000 кандидати кои чекаат дури 2 години. Заради зафатеност на испитниот центар беа поставени и ограничувања, според кои сесии се одржуваа само 2-3 пати годишно.
Новите промени значително ја поедноставуваат непотребно отежнатата процедура и нудат поповолни услови за кандидатите. Имено, во ист ден ќе се полагаат двата дела од испитот, теоретскиот и практичниот. Предвидено е усмено одговарање на определен број прашања според програма за полагање на ловечкиот испит во која се содржани градивото и прописите. Има и дополнителна поволност за преместување на терминот за полагање во следната сесија, доколку кандидатот од оправдани причини не може да присуствува на денот на полагањето на испитот.
Стручната комисија за полагање на ловечки испит секоја година ќе подготвува и верификува база на прашања за полагање на ловечкиот испит, изработени врз основа на програмата за полагање на ловечкиот испит и истите ќе бидат јавно објавени на веб страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.