Објавен повикот за поднесување на барања за исплата на 50 отсто од трошоците за набавка на педигриран добиток

Дата на објава: 
1 Јуни 2018
IMG_0040.JPG

По повод денешниот Светски ден на млекото, денеска министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски присуствуваше на настан организиран од Млекара АД Битола. На настанот насловен како „Ден на фармери рекордери на Бимилк“, менаџментот на млекарата во присуство на министерот Николовски додели неколку плакети за најуспешните фармери производители на млеко за 2017 година.
Индустријата за млеко и млечни производи е еден од најважните сегменти од агроиндустрискиот комплекс, а нејзините производи спаѓаат во групата прехранбени производи, кои заземаат значаен дел од вкупната потрошувачка на храна на едно македонско семејство, порача министерот Николовски. При тоа министерот Николовски ги информираше фармерите дека денеска Платежната агенција го објави повикот за поднесување на барања за исплата на 50 отсто од трошоците за мерката од Програмата за рурален развој за набавка на педигриран добиток од увоз или со потекло од признати организации, за они фармери кои го набавиле добитокот до 31.12.2017 година.
„Со цел поефикасна искористеност, Владата за следните огласи за оваа мерка ги измени условите, односно прво ќе се објавува огласот, потоа ќе се склучува договорот и по реализација на набавката ќе се изврши исплата. На овој начин се обезбедува поголема сигурност за оние кои што ќе извршат набавка. Дополнително, во насока на создавање на услови за развој на сточарството, се подготвува за објава наменскиот оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп за сточари, за да обезбедиме поголемо и посигурно производство на добиточна храна, кој што очекуваме да биде објавен следната недела“, изјави министерот Николовски.
За подобар квалитет на производите, МЗШВ презема конкретни мерки со цел да обезбеди производство на квалитетно млеко. Имено, преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за годинава како поддршка на млеко производството министертвото дава субвенција од 3,5 денари по литар за предадено сурово кравјо млеко и 4 денари по литар за предадено овчо и козјо сурово млеко во преработувачки капацитети.
Согласно Националната петгодишна програма за финансиска поддршка во земјоделството од 2019 година, планирано е исплатата на субвенции да биде согласно класата на суровото млеко, односно за екстра класа 4 денари по литар, за I и II класа 3,5 денари по литар. На овој начин се стимулира производство на квалитетно млеко. Со оглед на тоа дека во процесот на млекопроизводството клучна улога има добиточниот фонд, оваа година за 10 отсто се зголемени субвенциите по грло за сточарите со развоен потенцијал.
Инаку на денешниот настан присуствуваа и посебниот советник за земјоделство на ПВРМ Ленче Николовска, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој Никола Бабовски, директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.
Генерален директор на Млекара АД Битола, Ѓорѓи Петрушев,посочи дека успешноста на компанијата се заснова на градење и негување стабилни и долгорочни партнерски односи токму со кооперантите, преку постојана поддршка, совети, едукација и навремена исплата на откупеното млеко.