Делегација од МЗШВ учествуваше на Агро-економскиот форум меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа во Литванија

Дата на објава: 
25 Мај 2018
33579987_1739113252812893_5871695755101601792_o.jpg

Прв пат после пет години Република Македонија се претстави со свој национален штанд на еден од најголемите саеми за земјоделство и прехранбена индустрија „Agrobalt“ што се одржува во Вилнус, Литванија. На штандот финансиран од Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, неколку македонски компании ги претставија своите земјоделско-прехранбени производи.
Во рамки на саемот се одржа состанок во врска со Платформата на Европската унија и Форум на високо ниво околу загубите и отпадот од храна, како и 13-тиот Агро-економски форум меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа (CЕЕC), на кој што една од темите беше дигитализација на земјоделскиот сектор, а на кои што учествуваше делегација од МЗШВ предводена од државниот секретар Нефрус Челику.
Во однос на дигитализацијата на земјоделството на форумот „Паметно земјоделство-иновативни решенија за безбедност на храна“, државниот секретар на МЗШВ Челику ги претстави политиките на Владата на РМ во делот на воспоставување на системи за иновации во земјоделството и унапредувањето на инфраструктурата за информациски и комуникациски технологии (ИКТ).
„ ИКТ системите играат важна улога во програмирањето на политиките за имплементација во земјоделството и руралниот развој во нашата земја. Врз основа на Интегрираниот систем за администрација и контрола систем, земјоделците аплицираат за државни субвенции по електронски пат, со користење на графички и алфанумерички податоци на нивните производствени капацитети, директно од системите. Исто така, од минатата година, за земјоделците е обезбеден бесплатен интернет пристап до податоците почвената карта на Република Македонија, на која во наредниот период, со поддршка обезбедена од страна на ФАО, ќе се направи надградба со слој за агро-еколошко мапирање“, порача Челику.
На платформата посветена на справувањето со отпадот и загубите од храна, државниот секретар Челику посочи дека Македонија ќе изработи Национална стратегија за загуби од храна и намалување на отпадот од храна во Македонија, а од минатиот месец, започна процесот на изготвување на Закон за донирање на вишокот на храна, со симулација која беше спроведена со учество на членови на Парламентот и Владата и претставници од приватниот и граѓанскиот сектор. Идните активности ќе вклучат и градење на експерти во рамките на образовните и владините институции, воспоставување Национална целна група со пошироко учество на сите чинители, како и спроведување на кампања на национално ниво за намалување на загубите од храна и отпадот од храна. Очекувањето е дека во првите 2 години од започнувањето на имплементацијата на предвидените активности за 50% ќе се намалат загубите од храна и отпадот од храна во сите сектори.
Во склоп на состанокот на министерско ниво, беше потпишана заедничка декларација во рамки на платформата за соработка во областа на земјоделството „16+1“ меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, која што меѓу другото предвидува зацврстување на партнерските односи во делот на земјоделството помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа , преземање на мерки за развој на руралните средини, олеснување на трговската соработка, поттикнување на заеднички инвестиции и поддршка на земјоделски компании за да се направат инвестиции во рамките на „16+1“.