БИЛАТЕРАЛНИ СРЕДБИ ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ НА ЕВРОИНТЕГРАТИВНИТЕ ПРОЦЕСИ

Дата на објава: 
12 Ноември 2009

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, во рамки на  Агрофуд 2009, оствари билатерални средби со хрватскиот министер за земјоделство Петар Чобанковиќ и словенечкиот државен секретар во Министерството за земјоделство и храна Соња Буковец.

 

На средбата, хрватскиот министер за земјоделство Петар Чобанковиќ, изрази подготвеност за пренесување на  хрватското искуство во преговорите со Европската Унија, особено во делот на трговијата што беше побарано од македонска страна. Првиот човек на хрватското Министрество за земјоделство ја поздрави определбата на македонската Влада за зголемувањето на финансиската поддршка на аграрот, како што кажа Чобанковиќ, особено евидентно преку зголемувањето на субвенциите за примарното производство. Хрватскиот министер најави интензивирање на  започнатиот процес за целосна либерализација на трговијата согласно членството во ЦЕФТА, особено за производите со кои се тргува врз основа на квоти, пред се за македонското вино и цигарите.

 

Од својот македонски колега, министерот Чобанковиќ побара поодршка на хрватските инвестиции во земјава и интензивирање на и сега добрата соработка меѓу македонското и хрватското Министерство за земјоделство, пред се во ветринарниот и фитосанитарниот сектор.

Македонската и словенечката делегација на билатералната средба ги разгледаа можните насоки за зголемување на соработката во делот на пренесување на словенечките искуства во евроинтегративните процеси на нашава земја. Конкретно, министерот Димовски  со државниот секретар во Министерството за земјоделство и храна на Република Словенија разговараше за реализација на проектот од инструментот на TAIEX на Европската комисија кој се однесува на пренесување на словенечките евроинтегративни искуства на Република Македонија и тоа од страна на словенечки експерти.

 

Министерот Димовски и државниот секретар Буковец, на средбата разговараа и за обука на наши кадри за интегративните процеси на ЕУ, но и за  твининг прокетите  кои се реализираат под покровителство на Европската Унија, а се во насока на соработка на институциите како што се министерствата за земјоделство.