Прв ИПАРД форум

Дата на објава: 
6 Ноември 2009
saem 1.JPG

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, на денешниот прв ИПАРД форум што се одржа на Скопскиот саем истакна дека со ИПАРД фондовите ќе се подобри квалитетот и ќе се зголеми пазарната вредност на земјоделските производи. Сега, додаде тој, повеќе од 50 отсто од вкупниот годишен извоз на земјоделски производи од Република Македонија се реализира на пазарите на Европската унија. Со стандардизирање на производството, повеќе од сигурно е дека оваа бројка можеме да ја зголемиме. Од овие причини, констатира министерот Димовски, со ИПАРД фондовите ќе се подобри квалитетот и ќе се зголеми пазарната вредност на земјоделските производи, а со тоа и нивниот извоз.

 

Тој апелираше до потенцијалните корисници да соработуваат со соодветните институции со цел заедно да создадат успешни проекти со кои ќе се обезбеди поголемо искористување на средствата од ИПАРД Програмата. На ваков начин, рече  Димовски, ќе обезбедиме сигурен и стабилен рурален развој, а со тоа и напредок на македонското земјоделство.

 

Маргарита Делева, раководител на Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, истакна дека сега е времето кога надлежните институции треба своите акумулирани знаења да ги пренесат на терен, односно на потенцијалните корисници.

 

Логото на ИПАРД е стилизирана калинка, а таа симболизира единство, сплотување, развој. Затоа, додаде Делева, во процесот на  реализација на оваа европска програма за развој, многу е важно  во информирањето на земјоделците да се вклучат сите чинители, почнувајќи од институциите на системот, преку јавните и приватните советодавни служби, но најважно преку невладиниот сектор, односно преку земјоделските здруженија, сојузи и асоцијации, кои информациите за условите и начинот на користењето на ИПАРД фондовите треба да ја пренесат на крајните корисници- земјоделците.