Министерот Љупчо Димовски во посета на органска фарма и винарија

Дата на објава: 
31 Октомври 2009

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски  ја посети фармата за органско производство што е дел од органската винарска визба „Грков“ кај Кавадарци.

 

Фармата располага со 140 кози, раса „алпина“, од чие млеко се проиведуваат седум типови органско сирење, со сертифицирани површини за органско градинарско производство и овоштарство, со 11 хектари сопствени лозови насади за производство на органско грозје, а има и ресторан со сала за дегустација, за организиран пречек на туристи.

 

Министерот Љупчо Димовски, имаше можност да ги дегустира првите органски произведени вина во Македонија.

 

Визбата се наоѓа, во подножјето на планината Кожуф, 26 километри од Кавадарци.

 

Ова е потврда дека Владата донесе правилна одлука да предложи законско решение кое ја регулира материјата на органското земјоделско производство, изјави министерот Димовски. Тој напомена дека законот што моментно е во собраниска процедура се однесува, пред се, на атрактивноста и перспективата на органското производство кое им нуди голема можност на земјоделците - многу полесна продажба на странските пазари, подобар квалитет и повисока цена. Министерството заедно со производителите и трговците  ќе преземе активности за промоција на органските производи со цел нивно доближување до крајните потрошувачи.

 

Република Македонија е првата земја во регионот која од почетокот на идната година ќе има нов закон за органско земјоделско производство целосно усогласен со новата европската легислатива. Неговото донесување се очекува до крајот на ноември. Земјата воедно е и лидер во однос на развојот на овој тип производство и предничи од аспект на финансиската поддршка.

 

Во 2005 година кога првпат беа одвоени субвенции за органското производство поддршката изнесуваше 6 милиони денари, во 2007 се зголеми на 11 милиони, лани достигна 36,5 милиони, а годинава е проектирана на 50,1 милион денари.

 

Паралелно, Министерстовто евидентира и постојано зголемување на бројот органски фармери, како и на површините наменети за органско производство.