Заменик-министерот за земјоделство Иваноски во дводневна посета на Холандија

Дата на објава: 
15 Октомври 2009

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Перица Иваноски престојува во дводневна посета на Холандија. Во текот на престојот, заменик-министреот  ќе го посети и светски познатиот саем за хорти и флорикултура „Хортифер“.

 

Иваноски се сретна со претставници од холандскиот бизнис сектор, вклучувајќи ги Холандски паркови и зеленило, Флорахоланд, Бејо заден и Енза заден. Заменик- министерот оствари средба и со претставници од холандските институции за стручно образование „ПТЦ +“ и „Ларенштајн“ кои се заинтересирани да го поддржат развојот на стручното образование во областа на земјоделството во Македонија преку  одржување на модерни практични обуки во областа на одгледување растенија и животни како и за технологии во земјоделството и во хортикултурата.

 

Нивната соработка со македонските институции за стручно образование, треба да овозможи надградување на вештините на македонските производители и да придонесе за зголемување на продуктивноста и квалитетот на земјоделското производство во Македонија.

 

Иваноски ќе се сертне и со раководството на холандската владина служба за управување со води и земјиште ДЛГ која обезбедува поддршка на македонското Министерство за земјоделство во неговите напори за унапредување на управувањето со земјиштето во руралните средини. Како дел од поддршката обезбедена од ДЛГ во моментов се спроведуваат три пилот проекти кои имаат за цел да ги испитаат, анализираат и оценат моменталните состојби и проблеми во развојот на руралното земјиште.

 

Со овој проект се поддржува и изградбата на капацитетите во Министерството за развој на соодветно управување со земјиштето, како и за подигнување на јавната свест за важноста на управувањето со руралното земјиште.

 

За време на посетата Иваноски ќе биде придружуван од холандската амбасадорка во земјава Симоне Филипини и од новоименуваниот македонски амбасадор во Холандија Никола Димитров. Посетата ја организира холандската Амбасада во Македонија во соработка со Министерството за надворешни работи на Македонија и Амбасадата на Македонија во Хаг.

 

Холандија е позната во меѓународни рамки по својот практичен пристап и резултатите во индустријата за производство на семенски материјал. Холандскиот хортикултурен сектор има глобална улога во одгледувањето орнаментални билки, луковици, дрвја и грмушки, како и во индустријата за снабдување со потребните материјали. Во овој сектор се вработени над 460.000 луѓе. Извозот во овој сектор е во вредност од 14 билиони евра.