Во Охрид 34. Советување за заштита на растенијата

Дата на објава: 
18 Ноември 2009
slika ohrid.jpg

Проблематиката што се однесува на фитосанитарниот систем, биолошки штетните агенси, методите за контрола на популацијата на штетниците, како и имплементацијата на Законот за заштита на растенијата се главните теми на кои ќе расправа на 34-то Советување за заштита на растенијата што неделава се одржува во Охрид.

 

Советувањето го организира Здружението за заштита на растенијата на Македонија, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и националната Фитосанитарна управа. На оваа традиционална манифестација учествуваат педесеттина експерти и гости од земјава, но и од научноистражувачки центри од Русија, Србија, Хрватска, Словенија Романија, Бугарија и Албанија.

 

На отворањето на советувањето, министерот  за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, истакна дека заштитата на растенијата е една од најважните агротехнички мерки во земјоделското производство. Од неа зависи квалитетот и квантитетот на секој земјоделски производ, но и економичноста и рентабилноста на земјоделското производство во целина. Обраќајќи им се на присутните тој, додаде дека Република Македонија ги координира сите активности од областа на заштитата на растенијата, преку Управата за фитосанитарна политика која ги изготвува законските и подзаконските акти со кои детално се уредува фитосанитарната политика.

 

Годинава, рече тој, изменети и дополнети се Законот за здравјето на растенијата, Законот за производи за заштита на растенијата и Законот за ѓубрива, согласно пропишаните ЕУ стандарди. Останува да се имплементираат уште пет анекси од европската директива со што комплетно ќе се усогласиме со европското законодавство во делот на регистрација на производите за заштитите на растенијата.

 

Претседателот на македонското Здружение за заштита на растенијата, Станислава Лазаревска посочи дека сите препарати што се користат за заштита на растенијата мора да е безбедни и за животната средина - почвата, водата, воздухот, но пред се да се нетоксични за луѓето. Тие мора правилно да се применуваат  за да не остануваат резидуи поголеми од дозволените граници. За да се постигне ова како што потренцира Лазаревска, неминовна е поголема едукација на корисниците.